Александар Васоски со неговиот тим Вардар освои само еден бод во првите две кола. Можеби неочекувано, со оглед дека јавноста очекуваше повеќе, а она што е најлошо, „црвено-црните“ немаат постигнато ниту еден гол. Васоски се надева дека сето тоа ќе биде прекинато на дербито со Работнички, и дека неговиот тим ќе дојде до триумф.

„Ова еградско дерби, и тука моменталната форма нема никакво влијание. Ќе победи оној тим кој ќе се снајде подобро на теренот, кој ќе има повеќе инспирација, кој ќе ја сака повеќе победата. Моите играчи се малку разочарани после првите две кола, но со оглед на младиот тим кој го поседуваме, очекувани се вакви подеми и падови. Проблем е реализацијата и затоа имаме толку малку бодови“, изјави Васоски.

Тој изрази почит за неговиот колега Александар Влахо со кого работеше заедно во Вардар.

„Секако дека го почитувам. Иако му е прва сезона, сепак, има искуство. Работеше во Вардар, беше во Широки со Гоце Седлоски. Ќе биде едно дерби за уживање, а ние размислуваме само на триумф. Се надевам дека ќе го прекинеме голгетерскиот пост и на овој меч ќе дојдеме до трите бода“, рече Васоски.