Ангели е еден од тимовите кои може да биде дел од мак-кошаркарска елита во новата сезона. На вчерашниот состанок на здружението со прволигашите со КФСМ на големо беше прифатена идејата Првата лига да биде проширена на 12 екипи, а местото на Блокотехна да биде доверено согласно пропозициите на екипите од Втората лига, поточно на Ангели.

Од таборот на тимот од Кисела Вода се огласи првиот човек, Благоја Кечовски, кој побара дополнително време од федерацијата и клубовите, и секако изрази голема благодарност за оваа покана.

„Пријатно сме изненадени од поканата на КФСМ да настапиме во Првата лига. За нас како клуб кој постои 15 години играњето во сениорските лига минатата сезона беше круна на досегашниот успех, заедно со тренерот Горан Ѓоргиевски и помошта од Општина Кисела за првпат стигнавме до полуфиналето во Втората лига.

Денеска го известивме раководството на федерацијата дека сериозно размислуваме за нивната понуда, но дека за истата ќе ни бидат потребни дополнителни денови, бидејќи нашата цел не е само едногодишно присуство во Првата лига, туку создавање на тим со млади играчи кои ќе добијат шанса, но и ќе обезбедат опасток.

Ќе ми треба мене време како сопственик на клубот. Заедно со Управниот одбор да пробаме да обезбедиме финансии, но најмногу ќе му биде потребно време на тренерот Ѓоргиевски да проба да создаде конкурентен тим за оваа лига. Исто така треба да добиеме официјална потврда од федерацијата дека нашата сала „Независна Македонијка“ ги исполнува условите за играње на мечеви од Првата лига, за нас како клуб многу е важно да играме во Кисела Вода, салата ова лето беше комплетно реновирана. Се надевам дека оваа покана ќе стане реалност, бидејќи клубот заслужува да биде дел од елитата“, ни изјави Благоја Кечовски.