Пред дерби дуелот со Работнички во рамките на третото коло во ПМФЛ, фановите на Вардар, „Комити“ испратија порака до фудбалерите“. Побараа храбра игра, побараа да видат од своите миленици дека вистински го сакаат „црвено-црниот“ дрес, по оној слаб вовед во новата сезона.

„Во првите две кола видовме тим и играчи кои го носат дресот на Вардар, но ангажман, борбеност и посветеност како да сме аматерски клуб на ревијални натпревари. Знаеме дека не сме засилени, но костурот на тимот е задржан, знаеме дека сме кадарни за високи дострели а сепак имаме тешки нозе и бариери во главата, недоверба во сопствените можности, неверување дека можеме затоа што се е во главата… Имавме денови кога игравме и со младински состави, примавме по 9 голови, но на теренот видовме полетарци кои знаат што значи името Вардар, и која тежина е носењето на тој црвено-црн дрес, не сме им замериле, ги славевме и нашата песна не престана да грми 90. минути. Знаеме да цениме пожртвуваност, знаеме да препознаеме жар и желба да се надминеме самите себеси со екстра напор, трпеливи сме, но знаеме да казниме индолентност и непочитување, неодговорност и малодушност. Се што бараме е храброст и пожртвуваност за секоја топка, и тогаш резултатите се во втор план, и тогаш нема да замериме пораз дома од Македонија Ѓ.П и килави 0:0 со Борец во Велес.

Нам резултатите не ни влијаат на присуството, но ни влијаат на расположението на трибина, затоа подарете ни го чувството дека знаете каде играте и што бараме од секој натпревар дури и кога тоа не е победа туку желба за истата и труд за остварување. Ние веруваме во вас, верувајте и вие во самите себеси!

Ние ќе бидеме на трибина во сабота, бидете и вие на теренот но во вистинска смисла, не само формално!
Конечно Градски, конечно враќање во нашиот дом, а домот е неприкосновен и се брани со сите сили и мотиви“, велат „Комити“.