Македонската одбојкарска репрезентација ја совлада Шведска со 3:2 (18-25, 25-21, 25-11, 14-25, 16:14) во првиот од двата планирани пријателски дуели во Скопје, како дел од подготовките пред настапот на ЕП во Словенија.

Ние лошо го отворивме мечот и дозволивме во првиот сет Швеѓаните да не надиграат и да поведат до 1:0 освојувајќи го сетот со 25:18. Жестока битка за секој поен се водеше во вториот сет. Ние бевме подобри во завршницата и успеавме да го приведеме сетот во наша полза за 25:21 и израмнување на 1:1.

Следуваше извонреден трет сет за избраниците на Матијашевиќ во кој тотално ги неутрализиравме нападите на Шведска и уште на самиот старт направивме висока предност која јасно стави дознаење дека се враќаме во предност од 2:1.

Она што ние го направивме во третиот, Швеѓаните го понудија во четвртиот сет. Деконцентрација во нашата игра, лош старт и убедливо загубен сет 25:14 што значеше израмнување на 2:2 во сетови и вовед во одлучувачки петти сет.

Таму, пак, се врати неизвесноста и битката поен за поен. Шведска на средина на тај-брејкот стигна до предност од два поени 8:6. Ние успеавме да се вратиме со серија од 3:0 за 9:8 и континуирано да одржуваме предност од еден поен. Во завршницата не ја искористивме првата меч-топка, но веќе на втората дојдовме до 16:14 за победа од 3:2.

Со Швеѓаните в недела ќе одиграме уште еден контролен меч.