Утре стартува и сезоната во Втората лига – Запад. Реално и објективно оваа конкуренција не може да се мери со таа од Истокот, но затоа ќе биде интересна и израмнета. Ако мора некој да се издвои како фаворит, тоа секако дека е Пелистер.

И поради големината на клубот, и поради амбициите, но и поради тоа што цела Битола од овој Пелистер бара Прва лига, без разлика на проблемите кои ги истакна пред три недели и самото раководство. Во однос на минатата сезона „зелените“ сега имаат подобар тим, знаат што треба да сторат.

Тука некаде би требало да биде и Лабуништа, ако се знае дека минатата сезона заврши на втората позиција и играше бараж за Прва лига. Кругот се затвора со Гостивар, можеби Скопје поради минат труд и веројатно Влазерими. Сите останати екипи, барем такви се почетните прогнози би требало да бидат во долниот дел на табелата. Но фудбалот е чудна работа, непредвидлив. Можни се изненадувања, и позитивни и негативни.