Македонската кошаркарска репрезентација до 14 години ги затвори настапите на сите млади селекции ова лето. Избраниците на Дарко Димитријевиќ завршија на осмото место на турнирот „Slovenia Ball“, откако денеска загубија од Унгарија со 81-61. Ова беше петти пораз на Македонија, која забележа и една победа, против Бугарија.

Резултатите не се сјајни, но најавите се добри кога станува збор за најмладата селекција. Видовме дека имаме светла иднина, но и одлични поединци. На овој турнир Македонија ги има најдобрите стрелеци.

Тео Војновиќ со 106 поени е на првото место, додека со три поени помалку е Рубин Стефанов. И двајцата кошаркари кои се синови на легендарните Ѓорѓе Војновиќ и Врбица Стефанов се наметнаа како лидери во нашиот состав.

Останува на тренерите да ја негуваат оваа генерација која има потенцијал, но потребно е овие млади момчиња преку вакви силни натпревари да стекнат поголемо исуство.