Последниот тренинг пред заминувањето на ИХФ Супер Глоуб во Саудиска Арабија, ракометарите на европскиот првак Вардар го одработија во својата поранешна база СРЦ „Кале“.

Стратегот Давид Писонеро ги построи момците, сите делуваа одлично расположени и подготвени за предизвикот наречен неофицијално светско клупско првенство на кое патуваат вечерва.

Повредата е минато за Павел Атман, тој си тренираше нормално со екипата, а полека во шема влегува и повратникот Глеб Калараш, кој пак, нема да го гледаме на Супер Глоуб, како ни повредените, капитенот Стојанче Стоилов и Хозе Гилермо Де Толедо.

Во вториот настап на Супер Глоуб, кој ќе се одржи од 27 до 31 август, Вардар се најде директно во четвртфиналето, каде за противник ќе го чека победникот од дуелот меѓу Ал Мудхар и Њујорк. „Црвено-црните” се фаворити за пласман во полуфиналето, каде најверојатно ќе се соочат со германски Кил.