Пишува: Марија Ковачева

Уште едно тешко лето е зад нас. Сите женски селекции кои беа дел од оние второлигашки натпреварувања потврдија дека нивото на кошарката е на дното, не сме напреднале ниту милиметар за разлика од машките национални тимови, каде добивме мали, но позитивни сингнали.

Сиве овие месеци, пред настапите се фалевме со бројот на тренинзи, одиграни мечеви…Свесни за состојбата на женската кошарка ги пријавивме да се натпреваруваат со едно оправдување – искуство. Но, по оние резултати кои ги остварија тешко дека девојките добија голем плус или пак дека напредуваа.

Ги ставија во „оган“, а богами сите заедно на чело со стручниот штаб добро изгореа.

Се чини на прво место е бројот на учества на турнири, не и она што се случува внатре во клубовите. Амбициозноста треба да се насочи поинаку, не е ова политичка кампања да броиме на прсти колку сме играле, што сме организирале…

Во изминатиот период трите репрезентации (јуниорската, кадетската и кошаркарките од 14 години) одиграа 21 натпревар, на кои забележаа само две победи и едно „реми“, и дури 18 порази. Јуниорките завршија на 21 место во конкуренција на 23 земји, кадетките ќе испаднеа ако во Ц Дивизија, но на голема среќа оваа година нема преселби, на крајот У14 остана да се радува на деветото место во Словенија.

Сите три репрезентации одиграа под нивото, никако од глава не можам да го избришам оној резултат од првиот меч на кадетките против Холандија на ЕП Б Дивизија, на полувремето беше 64-5.

Ова е слика на женската кошарка, онаа домашната, ова е слика на работата во клубовите, ова е слика на една лоша поставеност на структурите, не од сега, туку години, години наназад.

Милуваме да менуваме селектори, онака пријателски да ги поставуваме, а тие пак ја „грабаат“ шансата за да го збогатат сивито, таму резултатите не ги пишува. Никнуваат чудно, и тие и нивните помошници, не само во младите репрезентации, туку и во онаа главната. Ама секој веќе е стручен, изјавата е иста, работевме, трениравме, видовме и си заминавме.

Се прашувам што ли се работи во клубовите, дали постојат за да ги научат нешто своите членови или пак главна цел им е купчето пари. Не го зборам ова напамет, во кадетската селекција речиси целиот состав го сочинуваат девојки кои играат за македонски клубови

Мора да се промени нешто и тоа во најскоро време, да не ги броиме учествата на првенствата и бројот на тренинзите, туку да се фатиме за работа. Доста се вадевме на тоа дека ова е максумумот, дај да видиме на терен дека некој вложува, да видиме мала искра надеж.