Болтон утре ќе биде исфрлен од англискиот фудбал, откако ќе истече рокот за продажба и санација на еден од најстарите фудбалски клубови на Островот.

Болтон кој до лани беше дел од Чемпионшип лигата е под административно управување од мај и ја започнаа сезоната во Лига 1 со дефицит од 12 бода.

Клубот доби втор рок од англиската фудбалска лига (ЕФЛ) до вторникот до 17 часот да пронајде купувач или „да даде вистински причини за продолжување“ на администрацијата. Првиот договор за спасување на клубот од банкрот пропадна во саботата.

“За нешто повеќе од 24 часа, клубот ќе остане без лиценца од ЕФЛ. Болтон не е во состојба да преговара и тимот ќе биде распуштен во среда. Ова ќе доведе до елиминација, исклучување од англиските лиги и губење на повеќе од 150 работни места. Уште поважно сепак, ваквиот потег ќе ја повреди целата јавност, за кого фудбалскиот клуб е страст и надеж “, рекоа администраторите.

Болтон е основан во 1888 година. Клубот има три ФА Куп трофеи, а испадна од Премиер лигата во 2012 година.