Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вардар од трет обид сезонава постигна гол, односно два на дербито со Работнички и за првпат успеа да дојде до победа. Нема што, Вардар тргна во поход кон горниот дел на табелата, очекувано со оглед на се она што го поседува нашиот најтрофеен клуб. Работнички на тој меч, освен во првите 15-20 минути, не беше на нивото од дуелот со Шкупи. Факт е дека Работнички има нов тим, млад тим, и тој тим ќе биде подложен на осцилации.

За разлика од Вардар, Шкендија никако да почне да победува. И со Македонија ЃП шампионот имаше игра, имаше шанси, но ужасната реализација доведе до тоа тетовци од можни девет да освојат само еден бод во серија. Не знаеме кога тоа последен пат и се случило на Шкендија. Токму затоа на мета е тренерот Ќатип Османи, тој почна наголемо да ги троши големите кредити. Дали следниот меч со Борец ќе биде пресуден за судбината на Ќато, или пак во текот на оваа недела ќе има смена, останува да видиме. Секако дека треба да се пофали и Македонија ЃП која навистина одигра квалитетно и заслужено дојде до бод.

РЕНОВА МОЖЕ САМО ДА ЖАЛИ…

Ренова и на Чаир покажува дека двете победи на стартот не се случајни. Само секунди ја делеа од нови три бода, нов блесок на Ремзифаик Селмани, нова квалитетна партија на момците на тренерот Бујар Ислами. Академија Пандев исто има седум бодови, но има нешто подобра гол разлика, и затоа е прва на табелата по 3.коло а Ренова пак втора. Борец сега е последен, освои само еден бод, но треба да се знае дека во првите четири кола новиот прволигаш играше  и ќе игра со Шкупи, Вардар, А. Пандев и Шкендија. Тоа се првите четири екипи од минатата сезона. И од тој аспект треба да се гледаат работите во и околу велешкиот клуб.

ТРИМ ЛУМ Е „ЛОШ“ ДОМАЌИН…

За разлика од Борец, екипата на Струга Трим Лум која ја има дебитантската сезона во елитата, навистина е лош домаќин. Прво тоа го осети Работнички во Струга а вчера и Силекс. Нова победа на Трим Лум и одново со 2:1. Кировски со двата гола е херојот на четата на стратегот Јетон Беќири. Кој ли само можеше да претпостави дека досега овој тим, заедно со Ренова се разбира, ќе биде најголемото позитивно изненадување во Првата лига.