Здружението на прволигашите и преставниците на КФСМ, престедателот Перо Антиќ, генералниот секретар Владимир Георгиевски, Спортскиот директор Тодор Гечевски и комесарот за натпреварување Лазар Гечевски, одржаа нов состанок пред стартот на новата сезона во Првата лига.

Како што известуваат од федерацијата, по неколку корекции, донесена е едногласна одлука, сите клубови мора да ги намират доспеаните долгови најдоцна до 30. септември.

„Котизацијата за учество во Првата лига за сезона 2019/2020 ќе изнесува 8.000 евра, а сумата ќе се исплаќа на осум еднакви рати по 1.000 евра до 15. во секој тековен месец започнувајќи од 15. октомври 2019 година. Првата рата клубовите треба да ја исплатат заедно со доспеаните долгови (до 30.09.2019), а втората рата да се исплати до 15.10.2019. Последната рата клубовите треба да ја исплатат до 15. април 2020 година“, се вели во известувањето на КФСМ.

Првата машка сениорска лига за сезона 2019/2020 ќе брои 12 клуба. Покрај екипите кои стекнаа право за учество во Првата лига, бил испратен допис до екипите на Ангели, Карпош Соколи и до Шкупи.

„Екипите на КК Ангели и на КК Шкупи испратија допис дека се заинтересирани за учество во Прва лига. Двата клуба ќе мораат да ги намират своите финансиски долгови до зададениот временски рок. Поради успехот во минатата натпреварувачка сезона, предност им е дадена на КК Ангели кои мораат да поднесат гаранција за котизација до КФСМ како и да ги исполнуваат сите услови за натпреварување во овој степен на натпреварување“, објаснуваат од федерацијата.

Жребувањето на натпреварувачки броеви за претстојната сезона ќе се одржи на 11.09.2019.

Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, ги извести клубовите присутни на состанокот дека секој клуб-прволигаш ќе добие по десет Т-1000 Спалдинг топки од КФСМ.