После некој нека каже дека на Балканот, или во регионот, не се игра добар фудбал. Дека има квалитет, дека некој знае што и како треба, доказ се регионалните гиганти Динамо Загреб и Ц. Звезда. Тие синоќа се пласираа во групната фаза од ЛШ, тие од вчера се во ѕвезденото друштво и есенва ќе играат во најспектакуларната фудбалска лига на светот. Кога сме кај заработката „боли глава“ од сумите.

Динамо Загреб досега инкасирал околу 25 милиони евра а Ц. Звезда 20 милиони. На овие суми не ги сметаме парите од трансферите. Ете доказ дека од фудбалот може и тоа како да се заработи. Само треба да се има визија, да се почека малку да дојде моментот, да се има добар буџет.

Кога ќе направиме споредба со нашите клубови мака да те фати, ти доаѓа да заплачеш. Нашите „тапанари“ цела година се „тепаат“ за ситнеш, за смешни 250.000 евра со настап во првото коло. Нешто повеќе во изминатите години заработуваа Вардар, Шкендија и Работнички, но и тоа е премалку во однос на балканските „гиганти“. Некој ќе каже па добро што имаат Динамо и Звезда, а немаат нашите. Е па немаат многу нешта. Немаат пред се стратегија, немаат визија, немаат луѓе кои целиот проект би го изнеле до пласман во групната фаза во ЛШ. И да не се лажеме, со овие буџети кои ги имаат нашите клубови нема никогаш да стигнат до ѕвездите. Извините, но со 700.000 евра или 900.000 па и 2.5 милиони, не се стига до ЛШ. Па ни со 5 милиони.

Знаете ли колкави се буџетите на Динамо и Звезда?

Неофицијално тие стигаат и до 30 односно 25 милиони евра. И како сега ти да се бориш, да се „тепаш“ со нив? Никако. Освен да почекаме некој вистински газда да го одврзе кесето, да дојде до буџет од најмалку 15 милиони евра и тогаш да кажеме: Е сега одиме во битка за пласман во групната фаза во ЛШ. А до тогаш ќе нашите клубови ќе играат за семки…