Аријан Адеми со Динамо Загреб и Елиф Елмас со Наполи, ќе бидат претставниците од Македонија во годинашното издание во групната фаза од Лигата на шампионите. Се разбира, доколку не се случи до крајот на преодниот рок да потпише некој играч со некој гигант кој учествува во ЛШ, па да се зголеми бројката, или, пак, Адеми замине во друг клуб во меѓувреме, па бројката да се намали.

Интересно е тоа што Елмас и Адеми можат да се паднат и меѓусебно во групата, затоа што Наполи е во вториот, а Динамо Загреб во третиот шешир од „елитата“. Ждрепката е во четврток во 18 часот.

Последен пат двајца Македонци имаше во сезоната 2014/2015. Горан Пандев тогаш со Галатасарај, и Агим Ибраими тогаш со Марибор, играа во ЛШ, но завршија на последните места, и не успеаја да обезбедат пласман понатаму. Агим Ибраими тогаш постигна гол против Челзи за 1:1 во Словенија.

После нив, во ЛШ играше Стефан Ристовски кога пред две години со неговиот Спортинг Лисабон, тогаш десниот бек имаше свое деби во „елитата“.

Освен овие четворица, ЛШ имаат играно уште неколкумина од нашата земја, меѓу кои Александар Лазевски (Партизан), Мирсад Мијадиноски (Дебрецен), Гоце Седлоски (Динамо), Бобан Грнчаров (АПОЕЛ), Иван Тричковски (АПОЕЛ), Даниел Георгиевски (Стеауа), Милан Стојаноски (Партизан)…