Еуроникел (некогашен Фени Индустри) предводен од Горан Самарџиев заврши со првиот дел од подготовките за новата сезона во Првата лига, чиј старт дополнително ќе биде одреден. Некогашниот кошаркар и неговите момци напорно работат кон реализирање на единствената цел, пласман во Супер-лигата, амбиција која минатата година овој тим не успеа да ја реализира.

Самарџиев „скоцка“ добар тим, задржа дел од кошаркарите од минатата сезона, заедно со неколку странци во тимот и младите сили од Кавадарци ќе се борат да го вратат клубот на старото ниво и секако да ги вратат фановите во салата „Јасмин“.

„Задоволен сум од текот на подготовките. Го минавме оној првиот дел посветен на физичката подготовка, сега веќе сме во сала. Еуроникел има високи амбици, по оние две години, нашата цел е враќање во Супер-лигата.

Тимот доби стабилност од финансиска гледана точка, благодарение на Еуроникел, без нив немаше да успееме да ги расчистиме старите долгови, искрено многу лесно можеше клубот да згасне“, вели Горан Самарџиев.

Желба на стратегот кој знае како е во Кавадарци да се игра пред полни трибини е да имаат поддршка од своите фанови.

„Посакуваме во новата сезона да играме пред полни трибини, ги повикувам фановите да дојдат да не поддржат. Јас и моите момци ќе им се одолжиме со максимална борбеност на теренот“, додаде Самарџиев.

Во следниот период во зависност од тоа кога ќе стартува новата сезона, младиот стратег и неговите момци ќе одиграат и пријателски дуели, на адресата на кавадаречкиот тим има понуди за учество на турнири.