Дефанзивецот на Ливерпул, Вирџил Ван Дајк вчера во Монте Карло ја доби наградата на најдобар играч на Европа, која ја доделува УЕФА, а пред седум години Холанѓанецот бил на смртна постела и го пишувал својот тестамент.

Како 20-годишен фудбалер на Гронинген тој добил силна бактериска инфекција на бубрезите на која и требало време да се открие, а ситуацијата дошла до критична точка.

„Му се слоши по натпревар против Ексцелзиор и во прв момент се чиневме дека е само обична настинка, но подоцна се потврди дека има бактериска инфекција на бубрезите. Беше болен, а не ја знаевме причината, Во болницата не најдоа ништо и го пратија дома, ситуацијата ми се влоши, а по доаѓањето на неговата мајка на посета, сфативме дека се работи за сериозен проблем и во клучен момент тој беше хоспитализиран“, се потсетува неговиот поранешен тренер Дик Лукиен и додава „Бев во комплетен шок. Кога се врати беше толку слаб. За среќа успеја да оздрави.“

За тој тежок период од животот, фудбалерот вели:

„Се сеќавам на тие моменти додека лежев во креветот. Телото ми беше скршено и не можев да мрднам. Во тие моменти најстрашни мисли ти минуваат низ глава. Животот ми висеше на конец, а во еден момент потпишав и некаков вид на тестамент“, изјави Ван Дајк.

За среќа оваа црна епизода во животот на стоперот е минато и тој денеска е потполно здрав и доминира во Европа.