Веќе е добро познато дека новата сезона во Првата лига ќе брои 12 клубови. КФСМ и официјално испрати покани до Ангели, Карпош Соколи и до Шкупи за учество нашата најсилна лига. Позитивно на поканата одговорија Ангели и Шкупи.

„Двата клуба ќе мораат да ги намират своите финансиски долгови до зададениот временски рок. Поради успехот во минатата натпреварувачка сезона, предност им е дадена на КК Ангели кои мораат да поднесат гаранција за котизација до КФСМ како и да ги исполнуваат сите услови за натпреварување во овој степен на натпреварување“, известија од федерацијата пред два дена.

Ангели е подготвен да го направи првиот чекор, да ја исплати гаранцијата за настап во Првата лига, која изнесува една рата од котизацијата (1.000 евра). Вкупната сума која сите клубови треба да ја исплатат е 8.000 евра, а истата ќе ја плаќаат на осум рати, до 15-ти секој месец почнивајќи од октомври.

Новиот прволигаш чека допис од КФСМ да го направи првиот чекор, а дури потоа специјална комисија составена од федерацијата ќе одлучи дали салата „Независна Македонија“ ги исполнува сите услови за играње на прволигашки натпревари.