И на второто учество на ИХФ Супер Глоуб, европскиот првак Вардар ќе игра за бронзениот медал, но и за чек од 150 илјади евра во мечот за третото место против домашниот претставник Ал Вехда, денеска, 13:30 часот по македонско време.

По слободниот ден вчера „црвено-црните“ се рехабилитираа по поразот од Кил во полуфиналната фаза и како големи фаворити влегуваат во натпреварот.

Вардар веќе елиминираше еден тим од Саудиска Арабија во четвртфиналето и покажа дека знае како да се носи со нив, иако Ал Вехда во полуфиналето со Барселона даде до знаење дека не се екипа која дозволува да биде потценета и знае да ја казни секоја грешка на противникот.

И ако за Кил имаше оправдување за вардарци, сега нема. Ако ништо друго ова им е шансата на момците на Давид Писонеро, да ја повторат 2017, уште еднаш, барем оние кои и тогаш и сега се дел од Вардар, и како трет најдобар клуб во светот да ја отворат новата сезона.

Во финалето кое е закажано за 16:20 часот, двократниот бранител на титулата Барселона се соочува со Кил.

Барса ја „брка“ својата петта титула на неофицијалното светско клупско првенство, но со оглед на тоа дека пред неполн месец Кил и Барса се сретнаа во пријателски меч во „Ланксес“ арената во кој бундеслигашот победи, може да очекуваме интересна разврска за Супер Глоуб титулата.