Напаѓачот на Челзи, Тами Абрахам, кој има одличен почеток на сезоната и во првите три кола во Премиер лигата постигна четири гола, би можел да го смени националниот тим.

Тој за Англија има два настапи на пријателски натпревари, но Нигерија, земјата од која потекнува неговиот татко, односно Нигерискиот фудбалски сојуз неуморно работи на тоа Тами да го смени државјанството и да го облече зелениот дрес.

Англиските медиуми наведуваат дека претставници од Нигерија биле на Стемфорд Бриџ за да ја искажат својата желба 21-годишниот фудбалер да игра за нивната земја.

„Нема да се откажеме од своите настојувања добри фудбалери да играат за Нигерија. Кажано ни е да почекаме до април 2020 кога Тами се надева дека ќе донесе одлука. Му кажавме дека има поголеми шанси да игра за Нигерија, отколку за Англија. Сега тој треба да одлучи“, вели Амаи Пиник, првиот човек на Федерацијата на Нигерија.

Нигерија и пред две години се обиде да дојде до Тами, но тогаш младиот фудбалер им даде до знаење дека ќе игра за Англија. Но, она од што стравува Гордиот Албион е дека младиот напаѓач би можел да го смени мислењето и да го смени националниот дрес.