Игор Карачиќ е еден од оние ракометари кои мина долги години во дресот на Вардар. Хрватскиот ракометар го засака Скопје, луѓето…секако стана миленик на фановите на македонскиот првак. Од оваа сезона, за жал, Карачиќ ќе го гледаме како член на Келце.

Тој во Полска е во центарот на вниманието, доаѓа на местото на Лука Циндриќ, а по онаа одлично одиграна сезона од него се очекува да биде еден од главните „мотори“ во тимот.

Во интервју за тамошните медиуми, тој открива за оние тешки моменти, кога пред четвртфиналниот дуел со Пик Сегед, газдата на клубот, Сергеј Самсоненко објави дека дига раце од Вардар.

„Пред стартот на минатата сезона, ситуацијата во Вардар беше навистина лоша. Јас, Дибиров и Столе имавме состанок за иднината на тимот, нашата и за парите. Одлучивме да му веруваме на Самсоненко, и да останеме во клубот. Веќе на следниот тренинг побаравме од момците да го направат истото. Само Борозан го напушти тимот, но поради сосема различни причини. Сите заедно си ветивме дека ќе докажеме дека не е се во парите. Како велат, сето останато е историја“, вели Карачиќ.