Во драматичен меч со едно продолжение, Дрим Тимот на САД славеше над Турција со 93:92, иако Турците имаа историска шанса за победа.

Вистинска драма се одвиваше и на паркетот во Шангај на последниот денешен меч на СП. Турција го имаше Дрим Тимот во рака, но на само 0,1 секунда до крајот, Охриѓанецот Џеди Осман направи прекршок врз Татум надвор од линијата за три поени и им даде шанса на Американците да ја анулираат негативата од два поени (79:81), па дури и да победат. Сепак, Татум погоди само две од трите слободни фрлања и мечот замина на продолженија.

Претходно, Американците успеаја во првото полувреме да одржуваат лесна предност од 4-5 поени. Во вториот дел продолжи беспоштедната битка во која Турција трпеливо ја чекаше својата шанса и ја дочека во последната минута. Сепак, малку им недостасуваше за успех во регуларниот дел.

Во продолженијата ревија на шутеви за три поени. Кај Турција мирна рака имаа Осман и Мелих кои успеваа да ја одржат малата предност на „црвените“ на 2 минути пред истекот на дополнителното време. Но и Американците беа упорни и постојнао се враќаа во игра. Одлуката падна на десетина секунди до крајот, кога Турците добија дури 4 слободни фрлања, а Бајбај и Осман не погодија ниту едно. За разлика од нив, Крис Мидлтон ги погоди двете за САД на две секунди до крајот и ги понесе САД до предност од 93:92.

Во последниот напад Иљасова се обиде за тројка, но не успеа. Последната шанса за следната фаза Турција ќе ја има на мечот со Чешка.