Најдобрите македонски одбојкари претпладнево го одработија последниот тренинг во СРЦ „Кале“ во Скопје и утре стартува нивната експедиција на ЕП, со две попатни станици. Првата е Виена и двомечот со Австрија на 6 и 7 септември, а потоа еден ден ќе бидат во Марибор, пред да се чекираат во Љубљана и да го очекуваат официјалниот старт на ЕУРО Волеј 2019.

По меморијалот „Чајка“ селекцијата делува одлично расположена, а селекторот е задоволен од темпото и атмосферата во која тимот го финишира официјалниот дел од подготовките.

„Нашите подготовки би ги поделил до турнирот Чајка и по него. На тој турнир одигравме два натпревари кои ми ја вратија самодовербата. Со Украина која според мене е посилна од тие репрезентации против кои бараме шанса на ЕП, а ние успеавме да играме рамноправно со нив, а потоа ја победивме и Бугарија. Бев жеден за еден меч кој ќе ни биде репер за првенството и тој се случи против Бугарија. Тој многу ќе ни значи ментално за во иднина… По турнирот се почувствува промена во тренинзите кои се поквалитетни, со подобра атмосфера, што е одлично пред Австрија која е наша последна проверка и на која треба да видиме дали сме подготвени за европскиот предизвик“, коментира селекторот Никола Матијашевиќ на последниот тренинг во Скопје.

За Македонија ЕП стартува на 12 септември против Финска во групата Ц во Љубљана.