Додека Летонија е во шок по се она што и се случи вчера на гости во Австрија, додека во нивната Федерација имаат состаноци од час во час, нашите најдобри фудбалери како едвај да чекаат да дојде понеделник и 20:45 часот. Попладнево беше одработен првиот тренинг во Рига, атмосферата е одлична, но се чувствува гнев, се чувствуваме како „ранети лавови“ по она реми во Бер Шева, кога реално требаше да славиме. Имавме шанса, и шанси за такво нешто. И затоа велиме момците на селекторот Игор Ангеловски едвај чекаат да почне мечот. Тие добро знаат на која страна е квалитетот, добро знаат дека ќе бидат под притисок да се победи по секоја цена, но и да се победи убедливо. Едноставно по сите настани во Израел гневот да се истури врз „утепаната“ Летонија, која навистина треба да се респектира, но сепак треба да и се даде до знаење кој е кој во оваа ситуација.

Треба да се излезе на теренот на „Даугава“ стадионот и уште по првата минута да се покаже нашата моќ, нашата сила. Од она што тука може да се види, евидентно е дека сите наши фудбалери многу добро знаат што се бара од нив. И затоа тие уште сега се „напалени“ да одиграат уште една добра партија и да ја израдуваат нацијата со втората победа во овие квалификации.

Во врска со тимот веројатно селекторот Игор Ангеловски ќе прави мали измени во однос на оној стартен состав од Бер Шева. Нема дилеми дека сега би морале да бидеме поофанзивни, со повеќе „материјал“ во нападот. Треба да доминираме, да одиграме квалитетно и да победиме. Нешто слично како во тоа прво полувреме од скопскиот дуел со Летонија, кој на крај заврши со резултат 3:1.

Летонија и дефинитивно е во агонија, ние се опоравивме од она лошо издание со Австрија, во Бер Шева на најдобар можен начин тоа го најавивме, сега само треба да ставиме печат.