Селекторот Игор Ангеловски очекува победа на утрешниот меч со Летонија, најслабата селекција во групата, но истакна дека мора да се има респект за секоја селекција.

„Притисок има пред секој меч, тоа што влегуваме како фаворити е само доказ дека со три бода можеме да влеземе во интересен финиш во овие квалификации, со шанси да се вклучиме во игра за висок пласман. Ова да бидат квалификации во кои нема да бидеме епизодно, туку сериозен претендент за местата кои носат на Европско првенство“, изјави Ангеловски кој дополни дека и покрај долгиот пат од Израел до Летонија, очекува играчите да бидат на нивото и да го дадат максимумот.

„Имавме долг пат од Израел до тука, но имавме и време да се одмориме и да се подготвиме добро за утрешниот меч. Го респектираме домаќинот и покрај поразот од Австрија. За мене е најважно како ние ќе одиграме. Максимално сме мотивирани за три бода“, рече селекторот Ангеловски.

Иван Тричковски се очекува утре да ја добие шансата во нападот, по добрата форма која ја покажува на почетокот од сезоната. Тој вели дека главна цел секогаш се трите бода.

„Го знаеме квалитетот на Летонија, но важно е како ние ќе играме. Нашиот таргет се трите бода и како да стигнеме до нив. Ако ја добијам шансата, ќе дадам максимум од себе. Тоа е мојата работа, затоа сум тука. Очекувам многу од себе, но се ставам во сервис на тимот за да одиме на победа“, изјави Тричковски.