Иако е многу рано за детални анализи, минаа само три кола, но сепак ако денот по утрото се познава, тогаш Брегалница во целост ги оправдува епитетите како еден од најсериозните кандидати за првото место во Втората лига – исток.

Ново раководство на чело со Кире Гогов, нов стручен штаб, нови играчи, нова атмосфера во клубот. И тоа делува позитивно. Јасно е дека овој тим може и мора уште подобро,но резултатите со Плачковица (4:2), Осогово (5:0) и Питу Гули (6:0), говорат дека „сините“ просто ги „тероризираат“ своите ривали. Три меча, три победи со гол разлика од неверојатни 15:2, секоја чест.

Допрва ќе дојдат дерби – средбите со Тиквеш, Беласица, Кожуф, но рековме веќе, Брегалница покажа дека има моќен тим, посебно во нападот, покажа дека како од шега постигнува голови и дека допрва може да се очекуваат уште подобри изданија. И кога сме кај нападот, имињата на Мартин Стојанов, Стојанче Велинов, Иван Настевски, Пепи Георгиев, Ристе Наумов и другите, гарантираат уште многу радости на своите фанови.