Шпанското женско фудбалско првенство официјално стартуваше вчера и тоа со „Ел класико“, односно Барселона го пречека Депортиво Такон (Реал Мадрид).

Но, дербито остана само на име, со оглед на тоа дека на теренот доминираше каталонскиот гигант кој е актуелен шпански првак и европски вицешампион, и славеше убедливо, 9:1.

Фудбалерките на Барса беа голем фаворит со оглед на тоа дека Реал Мадрид сезонава го формираше женскиот клуб на барање на фановите и ја купи лиценцата од Депортиво Такон. Клубот под ова име ќе настапува уште сезонава, додека од следната ќе биде преименуван во Реал.