Вардаровиот стратег Давид Писонеро може да биде мирен – нема да има дополнителни отсуства во неговиот тим за стартот на одбраната на титулата во Лигата на шампионите.

Кристијан Дисингер, поради повреда во првото полувреме на гостувањето кај Мотор Запорожје остана на клупата до крајот на мечот, но подолнителните прегледи покажаа дека не се работи за сериозна повреда која би го тргнала од теренот на подолго време. Тој од денеска почнува да тренира заедно со екипата.

И средниот бек Сташ Скубе ќе му биде на располагање на Шпанецот за гостувањето кај Монпеље, в сабота. Скубе во изминативе десетина дена беше поштеден и тренираше со намален интензитет, а не беше во составот за СЕХА средбите со Пекинг и Мотор З. се со цел да биде фит за почетокот на најсилното европско клупско натпреварување.

Со ова е јасно дека со исклучок на капитенот Стојанче Стоилов и Хозе де Толедо, сите останати „црвено-црни“ ракометари се во комбинација за првото елитно гостување во Франција.

Вардар до петок тренира во Скопје, а потоа патува за Монпеље, каде в сабота, 17:15 часот ќе се соочат со фрацускиот тим.