Можеби сега се смешни, за никаде и далеку од врвот, но Летонија е фудбалска репрезентација која има настап на едно големо натпреварување.

Добро се сеќаваме на генерацијата предводена од одличниот Марис Верпаковскис кој ја водеше оваа селекција на ЕП 2004 година во Португалија. Стигнаа до кремот и почнаа да паѓаат, да паѓаат и еве ги сега таму некаде на дното на Балтикот, удавени, заборавени и фудбалски уништени.

Летонија има „пет од пет“ порази во нашата „Г“ квалификациска група за пласман на ЕП 2020. И затоа сме ние дојдени тука во Рига, да им ја загорчиме фудбалската криза на Летонците.

Летонија во нашата група е селекција за билдање на гол разлика. Си губат каде стигнат и од кого стигнат, а за победа сонуваат две години затоа што во октомври 2017 година на официјален меч ја победиле Андора со 4:0. Дека се во голем „пад“ говори и нивниот пласман на ФИФА листата со пласманот на 138 место.

 

ФУДБАЛ „НЕ“ – МНОГУ МЕСТАТ

Резултатите си го прават своето па затоа и интересот во Рига за фудбалската репезентација е очаен. Сонуваат за бројка од 2.000 навивачи на денешниот дуел со Македонија. Но, сонуваат, а реалноста е дека би можела на стадионот да дојдат едвај 800 гледачи. Тоа е мизерна бројка за еден фудбалски и квалификациски меч за пласман на ЕП 2020.

„Знам дека играме фудбал денеска против вашата репрезентација. Но не, нема да одам на стадион. Нема ниту да го гледам натпреварот на ТВ. Со години фудбалот кај нас е на маргините. Многу имаше истраги тука за местени натпревари, многу клубови ги снема преку ноќ како Сконто Рига, Металургс… Сето тоа се одрази и на репрезентацијата“, ни искоменира Јан Белковс, рекреативен сортист од Рига со кого зборувавме додека тој трчаше околу стадионот „Дуагава“ во Рига.

АКО САКАТЕ ВО ХОКЕЈ И КОШАРКА

Сепак Летонија е спортска нација. Тука на големо се игра хокеј, кошарка а атлетиката е исто така приоритетен спорт. Во еден од локалите на преубавата Рига имавме и кус разговор со една од „милион“ убавите Летонки.

За наша среќа Елса иако е во компјутерскиот сектор се разбира од фудбал. Ни се пофали дека е во врска си Марцис Ос, фудбалер на Ксамакс од Швајцарија. Тој играше за Летонија во Скопје пред неколку месеци, но сега бил повреден.

„Немаме добри резултати во фудбал. Мојот партнер е фудбалер и сега е повреден и затоа нема да игра на денешниот дел. Можеби сега сте подобри и ќе не победите во фудбал. Јас би сакала вечерва да победи Летонија затоа што си ја сакам мојата земја. Но ако играме кошарка или хокеј – е тука Македонија нема шанси со нас“, коментира Елса за која како и повеќето Летонци и Летонки резултатот од денешниот меч ќе биде само еден неважен детал од нивните животи. Одамна Летонците кренале раце од фудбалската репрезентација.

ИМ БЛАГОДАРИМЕ ЗА ДАНИС КРИСТОПАНС

На фудбалски план Летонија за нас е „пациент“. Двапати ги победивме со националниот тим, а Работнички во минатото имаше лесна задача во евро-куповите против Сконто Рига и Јелгава. Споменавме фудбал, кошарка, хокеј, атлектика…

Но, Летонија сега има нови херои – ракометарите. Спортот во кој ние сме најдобри преку Вардар и репрезентацијата која е редовен учесник на големите натпреварувања. Вардар се искачи на тронот на Европа благодарение на летонскиот џин Данис Кристопанс!

Летонија ќе игра на престојното ЕП во ракомет, а по тој успех во Вардар дојде и голманот Артур Кугис. Кристопанс е ракометарот за кого летонските спортски новинари зборуваат само во суперлативи.

“Тој полека станува ѕвезда во нашата земја како и кошаркарите и хокеарите.Со него нашиот ракомет стана интересен и ќе играме на ЕП во јануари. Нанивавме за Вардар на завршницата во Келн токму поради Кристопанс а еве сега со него во Македонија е и голманот Кугис. Напред Вардар“, беа зборовите на еден наш колега по завршувањето на вчерашната пред конференција на нашата репрезентација.

ВО РИГА Е НАШИОТ САШКО ПОПОВСКИ

Во шампионатот на Летонија немаме наш фудбалер. Тука во минатата сеозна на најдобриот тим тренер беше Гоце Седлоски. Рига ја освои двојната круна а од времето на нашиот тренер во клубот остана и Сашко Поповски кој работи како кондициски тренер.

Од оние играчи кои ги знаеме во Рига беше Максим Максимов кој ираше за Вардар и фудбалерот поради кој нашиот најтрофеен клуб ја заработи суспензијата од ФИФА за забрана на трансфери. Летово замина во Торпедо Москва.