Добра игра, убава победа, резултат 2:0 за Македонија. Очекувано според се она што се случуваше на теренот на „Даугава“ стадионот во Рига. Трета победа во третиот дуел со Летонија која полека, но сигурно ни станува редовен пациент. Многу шанси, два гола, Пандев во 14. и Барди во 17. минута. Сосема доволно за нови три бода. Сепак, сепак се чини можеше и требаше оваа победа да биде поуверлива, посебно по оние шанси во првиот дел. Во второто полувреме рутинирана игра, без многу напор, со една една – две полушанси за Летонците, Македонија ја контролираше средбата во своите раце, или нозе ако сакате.

Едноставно оваа Македонија е пресилна за Летонија…

ЛЕТОНИЈА – МАКЕДОНИЈА 0:2 (0:2)

„Даугава“ стадион во Рига. Гледачи: 1.500. Судија: Еспен Ескас (Норвешка). Стрелци: Пандев 14., Барди 17. (МАК). Ж. Картони: Камес, Максимиенко, Икауниекс, Ругинс (ЛЕТ), Бејтулаи, Барди, Адеми (МАК).

ЛЕТОНИЈА: Ванинс, Ругинс, Максимиенко, Петерсонс, Камес (84. Сабала), Лаизанс, Кигуркс (75. Пунцулс), Икауниекс, Улдрикис (46. Савалниекс), Гутковскис.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Бејтулаи, Муслиу, Велковски, Алиоски, Адеми, Барди, Трајковски (65. Несторовски), Пандев (75. Николов), Елмас (88. Радески), Тричковски.