Веспрем игра без пардон во новата сезона во унгарскиот шампионат. Тимот за кого настапува Дејан Манасков на домашен терен го совлада составот на Татабања со убедливи 33-22 за петта победа во низа и зачувување на врвот на табелата. Македонскиот репрезнтативец запиша три гола.

Стратегот на Веспрем, Давид Дејвис на овој натпревар одмараше поголем дел од играчите, во составот ги немаше Вуко Борозан и Рожерио Мораес, како и Арпад Штербик, се штедат сили за стартот на Лигата на шампионите.

Во првото коло унгарскиот тим ќе ги одмери силите со Мотор Запорожје, дуелот е закажан за 15-ти овој месец.