Полјаците на дело покажаа зошто се најдоа меѓу осумте најдобри репрезентации на Светското првенство кое се одржува во Кина. Против Шпанија одиграа феноменален натпревар, пружија силен отпор и во моментите кога имаа двоцифрена негатива.

Но, сонот да се најдат во полуфиналето не го исполнија, „црвената фурија“ беше за класа подобра, славеше со 90-78 -78 (22-18, 24-23, 21-17, 23-20) и во битката за финалето за противник ќе го има подобриот од дуелот меѓу Австралија и Чешка, кој се игра утре.

Рики Рубио со 19 поени и 9 асистенции беше прво име, зад него беше Вили Хернангомез со 18 поени.

Кошаркарите на Полска само на стартот имаа водство 2-4 и 4-6, останатиот дел од мечот мина во знакот на Шпанците, кои во првата четвртина беа предводени од Рики Рубио, кој одигра одличен меч.

Кон средината на вториот период, „црвената фурија“ дојде до водство од плус 10 (38-28), кое противникот брзо го стопи, на одморот беше 46-41.

Одново Шпанија дојде до комотна предност (58-44), Полјаците се вратија во последната четвртина 76-72, но Рубио и останатите момци не дозволија изненадување, во последните две минути веќе беше јасно кој ќе игра полуфинале.