Од 12 до 29 септември машката одбојкарска репрезентација на Македонија за првпат ќе ја гледаме на едно Европско првенство, кое ќе се одржи во четири земји Франција, Холандија, Словенија и Белгија.

Македонија е дел од групата Ц во Љубљана во друштво на организаторот Словенија, европскиот првак Русија, Турција, Финска и Белорусија, а во пресрет на стартот еве неколку бројки и факти кои треба да ги знаете.

1 – Македонија за прв пат ќе учествува на едно Европско првенство или пак на едно големо натпреварување (ЕП, СП, ОИ) воопшто.

4 – Франција, Холандија, Словенија и Белгија, за првпат четири земји ќе бидат организатори на едно континентално натпреварување.

Монпеље, Нант, Париз, Брисел, Антверп, Љубљана, Амстердам, Ротердам и Апелдорн се деветте градови низ кои ќе се одиграат натпреварите од овој континентален собир.

Македонија дури во 11 настап од квалификациските циклуси за ЕП успеја да се најде на континенталниот собир. Претходно најблизу беше пред една деценија, односно во 2009 година кога во баражот за ЕП загуби од Чешка во „златен сет“ 19:17.

14 – злата има Русија од ЕП, таа е актуелен бранител на титулата, а воедно и рекорден по освоени медали, 22 (три сребрени и пет бронзени).

24 – земји учествуваат на ЕП 2019.

Од 1975 година, Европското првенство во машка сениорска конкуренција во организација на Европската одбојкарска федерација се одржува на секои две години.

Во досегашните 30 изданија на ЕП, девет различни селекции станале европски шампиони. Русија има 14 титули (12 како СССР), Италија има шест злата, Чешка (како Чехословачка) има три, Србија има две титули (едната како Југославија), додека Франција, Холандија, Полска, Романија и Шпанија имаат по една европска круна.

76 – натпревари ќе бидат одиграни за време на 18 дена колку што ќе трае првенството.