Во пресрет на утрешното историско деби на одбојкарите на Европското првенство СПОРТМЕДИА истражуваше како стоиме статистички во однос на конкуренцијата во групата, а бројките не се сјајни.

Македонија е најслабо рангирана, 23. место на последната ранг листа на ЦЕВ, со 136 бода и е единствениот дебитант во групата Ц. Имаме минато 11 квалификациски циклуси за да дојдеме до континенталниот собир, во кој имаме многу работи да си ги докажеме себе си и на другите.

Најблизу до нас е Белорусија, која е само место повисоко, 22-ра, со 146 бода. Белорусите имаат скромно искуство на ЕП, со само две учества, и тоа на последните две првенства во 2015 и 2017, каде настапот го завршуваат како претпоследни, односно на последното место во генералниот пласман. Во квалификации за ЕП со Белорусија сме се соочиле двапати, во октомври 1997, кога имаме по една победа од 3:0, а подоцна во јуни 2008 кога исто така сме играле 1-1 во победи (од по 3:2 во сетови).Турција е на 15. место во ранкингот на ЦЕВ со 184 бода. Турците имаат девет учества на континенталните собири досега, но ниту нивните резултати не се импресивни, односно најдобриот пласман им е 11. позиција. Со Турција никогаш досега не сме се соочиле во еден квалификациски циклус, но затоа игравме со нив во групната фаза од Европската лига во 2014 година, кога запишавме две победи (3:0, 3:1).

Нашиот прв противник во групата Финска, пак е на 11. место со 216 бода. Финците имаат вкупно 17 настапи, а од 2007 година навака се редовен учесник на ЕП, а токму таа година го имаат и својот најдобар пласман на првенствата, четвртото место. Можеби летово Финска не импресионира со резултатите, но има голема традиција на континенталните собири. Македонија никогаш не одиграла официјален меч против нив.

Организаторот Словенија, пак, е осми на ЦЕВ ранг листата со 256 бода. Словенците имаат седум самостојни настапи на ЕУРО Волеј, по распадот на Југославија, е најголем успех им е сребрениот медал во 2015 година. Словенците се ривал со кој се имаме сретнато на сите фронтови. Во квалификации за ЕП, каде имаме два порази во мај 2000 година, потоа една победа и еден пораз во јуни 2006 година, а последен пат сме играле во мај 2014 кога не победиле двапати со 3:2. Неколку месеци претходно (јануари 2014) во Ниш игравме во третата фаза од квалификациите за СП кога загубивме со 3:0. Година дена подоцна, јули 2015 игравме во финалето на Ф4 во Европската лига, каде одново претрпевме максимален пораз.

Апсолутниот фаворит во групата и бранителот на титулата Русија е на првото место на ранг-листата на ЦЕВ во пресрет на ЕП со 280 бода. „Зборнаја“ има најдолга историја на настапи на ЕП, вкупно освоени 22 медали од кои 14 се злата (12 како СССР, две како Русија). Со Русија никогаш досега не ни се споиле патиштата, па нема сомневање кој е фаворит во тој дуел, но истовремено ќе биде и посебна чест и мотив да се проба да и се пркоси на една таква екипа.

Но, на крајот на денот не е статистиката таа што игра на теренот, туку се момците, инатот, срцето и тактиката. А, нашата тактика е добра. Да се минат првите две пречки – Финска и Турција, а потоа веќе полесно ќе се дише.