Годинешното, 31. издание на Европското првенство во машка сениорска конкуренција на кое ќе настапи и националниот тим на Македонија ќе биде уникатно по многу работи.

Не само по нашата премиера и историскиот момент за нас, туку поради фактот дека четири земји, Франција, Холандија, Белгија и Словенија ќе бидат организатори на истото и на него за првпат ќе учествуваат 24 репрезентации.

Секоја од нив на ЕП доаѓа со една цел – трофејот, но годинава освојувањето на епитетот европски првак носи и парична награда од 400 илјади евра.

ЦЕВ одлучи со идентична сума пари да бидат наградени најдобрите три селекции на стариот континент, како во машка, така и во женска конкуренција. Од таму е јасно дека освојувачот на титулата ќе заработи и 400 илјади евра, финалистот покрај среброто ќе добие 200 илјади евра, додека третопласираниот тим ќе освои 100 илјади евра.