Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје го претрпе првиот пораз во летниот подготвителен период, а тоа се случи на меморијалниот турнир „Антонио Алексе“ во Романија. „Штрковите“ после победата над Шолнок, вечерва изгуби убедливо од домаќинот на турнирот Орадеа. Конечниот резултат гласеше 97:64 во корист на Романците кои воедно го освоија турнирот.

Орадеа почна фуриозно и веќе на стартот направи разлика од 21 поен (38:17), а на полувреме имаше предност од 63:34. На крајот Романците го добија мечот со 33 поени разлика.

Џабари Хиндс со 21 поен беше најпрецизен во редовите на МЗТ, Нуни Омот постигна 12 поени, Марин Морнар беше стрелец на осум, а Дамјан Стојановски на седум поени.

Екипата веднаш се враќа во Скопје, каде што од утре ќе ги продолжи подготовките за новата сезона. Следните две контроли ќе ни бидат против романска Крајова на 16 и 17 септември во “Јане Сандански”.