Тренерот на Фиорентина Винченцо Монтела не се согласува со констатациите дека времето поминато на чело на Милан и Севиља му било тотален крах. Монтела доби силни критики и за лошиот старт на сезоната со Фиорентина, двата порази по ред, но популарното „авионче“ верува дека во дербито со Јувентус викендов може да ги промени работите.

Во Италија се верува дека Монтела одново треба да се докажува како тренер затоа што авантурата во Милан и во Севиља му беа опишани како неуспешни.

„Не се согласувам околу тоа што се зборува за мене. Само да ве потсетам, јас сум тренерот кој им го донесе на „росонерите“ последниот трофеј (Суперкупот на Италија во 2016), од Севиља бев избркан после историски резултат – пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите и финале во Купот на кралот. Зарем тоа ви изгледа како неуспех?“, реторички праша 45-годишниот тренер.

Монтела сака првата победа во вториот мандат на чело на Фиорентина да му биде против Јувентус. Да потсетиме „виолетовите“ изгубија од Наполи со 3:4 во првото коло, а потоа и од Џенова со 1:2.

„Многу малку екипи во последно време успеале да го победат Јувентус. Јас ќе се обидам да го сторам тоа, затоа што големите истории се раѓаат од невозможни предизвици. Би сакал да отворам одлично поглавие во историјата на Фиорентина со тоа што ќе направам нешто посебно против тимот на Маурицио Сари. Тешко е да се живее под лупа, но мора да ги игнорирам мислењата на другите и да продолжам да се подобрувам“, додаде Монтела.