Нашата најдобра репрезентација од Израел и Летонија се врати со големи четири бодови. Остана мала тага дека можевме да победиме и во Бер Шева, но и овие 1:1 и 2:0 секако дека се за респект.

Но да биде така, да селекторот Игор Ангеловски ги има на број сите играчи на кои смета за двата меча, секако дека своја заслуга има и целиот медицинскиот тим на репрезентацијата. Тим составен од докторите Александар Савески и Бојан Калковалиев, како и физиотерапевтите Бојан Цаневски, Ангеле Милевски и Бојан Силјановски, кој беше навистина на висина на задачата, па и повеќе од тоа. Сите петтмина вложија натчовечки напори во Израел и Летонија да ги опорават повредените или оние кои се жалеа на повреда. А тие се Бобан Николов, Аријан Адеми, Горан Пандев и Елиф Елмас. И што е најважно сите овие наши играчи играа и на двете средби и го дадоа својот голем, непроценлив придонес во добрите резултати.

СЕКОГАШ СЕ ТУКА КОГА Е НАЈПОТРЕБНО…

Тројцата Бојановци, Александар и Ангеле се тука кога е најпотребно да им се помогне на играчите. Познато е дека Адеми и Пандев на собирот дојдоа со повреда, Николов не беше целосно фит пред дуелот во Рига, а со Елмас се чини беше најкритично. Нашиот „дијамант“ на последниот тренинг пред дуелот со Летонија го повреди коленото, првите вести беа навистина загрижувачки и секако дека селекторот мораше во тие моменти да се откаже од него. Но само благодарение на вештите раце и пред се знаењето на медицинскиот тим, Елмас беше ставен на располагање на Мрме за дуелот со Летонија. А во Рига секако дека Елмас беше еден од најдобрите.

Затоа велиме секоја чест за целиот медицински тим во нашата репрезентација, сепак ние се надеваме дека во иднина ќе  имааат што помалку работа.