Во сабота во Тетово, во рамките на 5. коло во ПМФЛ, Работнички ќе му гостува на шампионот, на тимот на Шкендија. Убава вест за стручниот штаб на „романтичарите“ Александар Влахо е таа што за овој дуел ќе може да смета и на десниот бек Горан Сиљановски, еден од најдобрите играчи кој играл во Работнички во последните неколку години. Да се потсетиме дека тој беше еден од клучните играчи во таа „златна“ генерација која во 2014 ја освои двојната круна а следната играше во плеј – офот во ЛЕ. Во јануари Сиљановски се врати, но имаше пех, ги скина лигаментите на подготовките. Следуваше операција, заздравување, па така дури сега е во состојба да одигра еден официјален меч.

„Сега е добро, добро се чуствувам. Се разбира ми недостига физичка кондиција, но еве почнав да играм и на пријателските за мојот тим. Според мене има шанси да настапам барем 15-20 минути на средбата во моето Тетово против Шкендија. Со оглед на повредата која што ја имав не смееме да брзаме со моето враќање, но реков веќе дека добро се чувствувам. Нема што многу да се говори за овој натпревар. И на едните и на другите бодовите им се повеќе од потребни, затоа сметам дека ќе биде интересно“ ни изјави Горан Сиљановски, десниот бек на Работнички.