Нема македонските навивачи да ги остават сами одбојкарите да бијат битки во арената „Стожице“ во Љубљана, на премиерниот настап на Европското првенство.

Според информациите кои ги има Одбојкарската федерација на Македонија има најава од околу 500 навивачи, кои полека почнуваат да ја пристигнуваат во Љубљана. Дел од семејствата на одбојкарите се веќе стигнати во словенечката престолнина, најавено е дека денеска од Скопје тргнуваат уште 50 автомобили, приватно организирани, а дел од навивачите ќе пристигнат и утре со авион.

Наши иселеници и пријатели кои се во близина на Љубљана исто така веќе имаат обезбедено билети и го најавија своето присуство на трибините, па така нема сомнеж дека и одбојкарската репрезентација ќе има свој агол во „Стожице“ со кој ќе може да се радува на успесите во дебито.