Македонската одбојкарска репрезентација утре во Љубљана го започнува историскиот настап на европскиот шампионат во машка конкуренција. Прв ривал на нашата репрезентација е селекцијата на Финска, која како и ние, ќе настојува во премиерата на првенството да обезбеди победа.

Селекторот на Финците, Жоел Банкс, во пресрет на утрешниот меч вели дека дуелот со нашата репрезентација е можеби и најважниот на првенството.

„Победа над Македонија во воведниот натпревар на Европското првенство ќе ни даде поголема самодоверба на турнирот и ќе биде од огромна корист. Се надевам дека ќе дојдеме до победа на првиот меч, а потоа, се е можно“, вели Банкс.

Во анализата на нашата репрезентација, финскиот селектор вели:

„Натпреварот ќе биде тежок од многу причини. Како прво, ако го погледнете нивото на двата тима ова лето, може да се каже дека двете селекции се приближно исти во однос на квалитетот на игра. Второ, тоа е натпревар на отварање на турнирот и секој сака да победи. Ако загубиме, потоа имаме уште два меча во низа и ќе биде прилично тешко да се вратиме. Затоа четврток е многу важен ден за нас“.

Како клучен фактор во играта на Македонија, Банкс ја оценува агресивноста.

„Македонија знае да игра одбојка и клучен фактор во нивната игра е нивната агресија. Очекуваме агресивен противник, кој ќе се обиде ментално да нè уништи“, вели Банкс.