Македонските одбојкари полека го впиваат адреналинот наречен Европско првенство, а попладнево ќе го одработат и првиот тренинг во арената „Стожице“ во Љубљана, каде утре (17:30 часот) го отвораат натпреварувањето во групата Ц против Финска.

Европската премиера има посебно значење и историја за секој од нив и секој на свој начин ги „контролира“ емоциите, но очигледно е дека сите имаат иста цел – да покажат дека заслужено се на континенталниот собир.

„Никој од нас нема искуство на вакво големо натпреварување, првпат играме на Европско првенство и полека почнуваме да ја чувствуваме атмосферата… Се чувствувам како мало дете кое првпат излегува на терен да игра, имам такво неописливо чувство и среќа, кое му го посакувам на секој спортист“, коментира за СПОРТМЕДИА, Александар Љафтов.

Македонија е дебитант, а тоа не прави и аутсајдер во групата, но репрезентативецот смета дека ниту еден противник нема да си дозволи да нè потцени. Таквиот однос скапо ќе го чини.

„Не верувам дека било кој од нашите противници ќе нè потцени, Словенија, Русија, Турција, Финска доволно се искусни и не би си го дозволиле тоа иако сме дебитанти. Ако мислат дека сме на ЕП само да се појавиме, тогаш лошо се лажат. Нас никој не ни даде вајлд-карта за ЕП, ние си го заслуживме и покажавме и со претходните настапи и во Европска лига и во квалификациите дека можеме и дека заслужуваме да бидеме на такво големо натпреварување. Не верувам дека некој ќе не потцени, но се надевам дека нема самите да се исплашиме… Не се плашам, но не е исклучено да се појави некоја трема, со оглед на тоа дека настап на ЕП е огромна организација и натпреварување кое е сон на секој спортист… Се надевам дека позитивната трема ќе се пренасочи во дополнителна мотивација и желба за да се даде максимум на секој меч“, додава Љафтов.