Нејмар и понатаму е дел од ПСЖ иако на сите им е јасно дека таму повеќе не е среќен. Среќен или не, јасно е што парижани бараат од него.

Едина и единствена цел пред францускиот шампион е титулата од Лигата на шампионите. Сега притисок врз Нејмар за оваа цел почна да прави и градоначалникот на Париз, Ане Хидалго, која му порача дека е време да стане сериозен и да почне да си ја одработува задачата за која е доведен во ПСЖ.

Хидалго во интервју за француските медиуми, вели дека како навивачка на ПСЖ таа и натаму се надева дека Нејмар ќе ја покаже својата вредност во тимот. Таа потсети на еуфоријата која владееше во Париз пред две години кога Бразилецот пристигна во тимот и истакна дека е време Нејмар да се оддролжи.

„Нејмар, ќе мораш да ни помогнеш да победиме. Ја осветливме Ајфеловата кула за тебе. Сега пријателе, ќе стегнеш заби и ќе ја освоиш Лигата на шампионите за нас“, му порача градоначалничката на француската метропола.