Честите замерки на голманот на Вардар Филип Гачевски кон селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски се главна тема во словенечките медиуми. Ова доаѓа во пресрет на квалификацискиот натпревар за пласман на ЕУРО 2020 помеѓу Македонија – Словенија што ќе се одигра во Скопје идниот месец, исклучително важен за двете репрезентации во трката по првите две места на табелата во групата.

Саркастичен коментар на Гачевски за селекторот Ангеловски, словенечкиот портал „Екипа“ го окарактеризира како скандал. Посебно што Гачевски е роден во Мурска Собота, Словенија и е поранешен голман на Мура, а има двојно државјанство – словенечко и македонско. Тој верува дека треба да биде во македонската репрезентација но селекторот не гледа така.

Па така неколку пати поставува хумористични коментари, понекогаш и остри коментари кон селекторот на националниот тим. За нас веќе позната работа, но за Словенците е „хит“. Гачевски се потсмеваше на аутфитот на селекторот на мечот со Израел пред неколку денови.

Најмодерен и најубав селектор во историјата на македонскиот фудбал“, напиша Гача на својот профил на „Фејсбук“ со фотографија на селекторот од мечот со Израел во Бер Шеева.

Словенците се обидуваат на секој начин да ја кренат тензијата пред дуелот кој е закажан за октомври во Скопје.