Ако некој најдобро ја познава финската репрезентација, првиот противник на Македонија на ЕУРО Волеј 2019 во Љубљана, тоа е Вук Карановиќ, поранешен македонски репрезентативец, член на „златната генерација“ на Работнички Фершпед и интернационалец, кој две сезони во својата кариера мина играјќи во финското пренство.

Сега како човек, кој работи во ЦЕВ, Карановиќ беше расположен за СПОРТМЕДИА, да ги анализира Финците.

„За некој што играл само две сезони во Финска, имам развиено исклучително убави чувства и емоции за луѓето и самата држава. Поради тоа и ден денес ги следам случувањата во финската одбојка, не само службено туку и приватно.

Финска е искусна репрезентација во смисла на претходни натпреварувања од сличен формат (Европски првенства, Светско првенство, ФИВБ Лига на нации, Европска лига), што го сметам за голема предност затоа што и во овој подмладен тим има искусни репрезентативци. Вториот момент на финската репрезентација, која е воздигната до ниво на култ, е гордоста на играчите да играат за националната селекција, која дури се граничи со фанатизам. Тоа е максимално почитувано од целото финско општество, нешто како што е Турција на нашите простори.

Традиционално нешто што е препознатливо за финската одбојка е добар “jump float” сервис. Тоа може да ни направи проблеми и да ни ја искомплицира организацијата на играта. Дефинитивно не е репрезентација која може физички да доминира во дуелот со нас. На надворешните позиции се пониски или, пак, со исти димензии како ние.

Пресуден момент може да биде ако ги „нагазиме“ со добар сервис, затоа што немаат играчи кои можат да го сменат текот на мечот со индивидуални квалитети.

Реткост е во некоја селекција либерото да биде главна ѕвезда, кај Финска Лаури Керминен е вистински суперстар. Со 26 години има огромно искуство од шест-седум години во репрезентацијата, шампион на Русија со Кемерово. Играч, кој може прописно да не исфрустрира со играта во одбрана.

Огромна предност за Македонија е тренерската смена на почетокот на летото и заминувањето на Самуел, кој беше срце и душа на екипата. Со доаѓањето на Џоел Бенкс работите функционираат поинаку, а тоа се чувствува и на резултатски план. На 12 пријателски натпревари во летниот период победија само на три. Постои притисок врз Финците и од јавноста и од нивните медиуми, а тоа секако дека ќе создаде нелагодност, која нашата репрезентација може да ја искористи со храбро отворање на натпреварот и да ја канализира во позитивна енергија и победа на крај.

Сакам да потенцирам дека нашите момци имаат реални шанси во натпреварот против Финска, но никако не смее да се стави императив – само победа и да се направи непотребен притисок.

Сетете се само на приот пласман на нашата кошаркарска репрезентација на Еуробаскет 1999, пораз на сите натпревари, но одлична платформа за градење понатака“, вели Вук Карановиќ.