Деби со пораз од 3:1 (25:23, 25:22, 23:25, 25:21) против Финска имаше машката одбојкарска репрезентација на Македонија во групата Ц во Љубљана на отворањето на Европското првенство 2019.

Момците на Никола Матијашевиќ не паднаа на незнаење, паднаа на неискуство, со оглед на тоа дека ова беше премиерен натпревар за нив на едно големо натпреварување. И се на него беше историја – првиот освоен поен, првиот ас сервис, блок… па и првиот освоен сет.

Кој помалку ќе греши, тој ќе го освои сетот, така некако делуваше стартот на мечот со Финците, а тоа го потврди и стартистиката. Имавме и ние и противникот по 19 освоени поени, но разликата ја направи тоа што ние имавме шест технички грешки, додека Финска четири и ете ги двата разлика, 25:23 во првиот сет.

Дека може да се носиме со Финска беше видливо во средината на сетот кога имавме водство од 13:10, 18:14, 20:16… По стратниот дебитантски грч, делувавме посигурно во сите елементи од играта. Во финишот „проработе“ блокот на противникот (имаа шест блока, додека ние само три) и дојдоа до предност од 1:0 во сетови.

И во вториот сет игравме слично. Нијанси решаваа, а тие пресудија за противникот. Најголем проблем ни правеше противничкиот силен сервис со кој организацијата на играта на момците на Матијашевиќ беше очигледна, па тројниот блок  на Финска можеше навреме да се намести и да си ја заврши работата. Средните блокери Николов-Маџунков беа одлично расположени, па тие ни донесоа 14:11 во средината на сетот.

Не држевме темпо, а еден тајм-аут на Џоел Бенкс беше доволен за Финска да се врати 15:15, односно 17:17, по кој направија и два поени разлика, 19:17 и ја држеа до самиот крај на сетот за 25:22, односно 2:0.

Никола Матијашевиќ се одлучи да го смени организаторот на играта на почетокот на третиот сет, па место Ѓорѓи Ѓоргиев во игра влезе Филип Деспотовски, а тоа направи разлика. Добивме една поинаква динамика во играта, го намаливме бројот на грешките и тоа веднаш донесе промена. Отворивме со 9:5, а ниту минутата одмор на Финска не го наруши нашиот ритам, Љафтов ни донесе 14:9, 19:15. Со 0-3 серија Финска се доближи на 19:18, па и Матијашевиќ „пресече“ со тајм-аут (20:18). И кога беше најпотребно добија подарок одбојкарите, сервис грешка од противникот, која Николов и Љафтов ја претворија во 25:23 за прв освоен сет на Европското првенство.

Со проблеми во приемот и одбраната влеговме во четвртиот сет, но Ристо Николов беше посебно мотивиран и не го „даваше“ сетот, па Македонија се врати на 8:8, односно 10:10. Постабилната игра на мрежа на Финците им донесе предност од 15:12 на средината на сетот, по што нашите одбојкари имаа нов кам-бек. Љафтов со сервис не врати на 16:15, имаше сервис и за егал, но згреши. Повторно имавме шанса на 18:17 која не ја искористивме. Финска играше перфектна одбрана во финишот на мечот и тоа им донесе победа над Македонија, прва за нив во групата Ц.