Белото плишано мече Рон е маскотата на машкиот одбојкарски национален тим, кој денеска во Љубљана го започнува настапот на Европското првенство.

Либерото Дарко Ангеловски е сопственикот на мечето, кое на почетокот било предмет на подбивање и шега, но полека, со текот на времето прераснува во неизбежен дел од тимот.

Сега веќе Рон е дел од екипата, прифатен е и од играчите и од стручниот штаб и тој е заедно со репрезентацијата од почетокот на квалификацискиот циклус, а сега ги придружува и на ЕП.

„Секаде го носиме со нас. На почетокот од шега, но сега веќе е дел од екипата. Ни носи среќа, тој е маскотата на тимот“ – објаснува физиотерапевтот на националниот тим Стефан Јовановски, кој е задолжен да се грижи за Рон за време на тренинзите и натпреварите.

Македонија попладнево (17:30 часот) против Финска во арената „Стожице“ ќе го започне настапот на ЕУРО Волеј 2019, а Рон ќе биде на клупата за да и носи среќа на селекцијата.