Сосема очекувано, Русите стартуваа со победа во нашата група на европското првенство во Словенија. Во денешната премиера во „Стожице“, првиот фаворит во групата „Ц“, славеше со 3:1 (25-13, 23-25, 25-17, 25-15) над селекцијата на Турција која ја искористи својата шанса единствено во вториот сет.

Големиот фаворит влезе силно во мечот и освен неколкуте стартни поени во кои Турците успеваа да одржат резултатска рамнотежа, до крајот на сетот видовме само една репрезентација. Русите предводени од Дмитри Волков кој реализираше 5 поени дојдоа до 25:13 за предност од 1:0.

Во вториот сет Турција ја искористи лошата игра на Русија на мрежа и успеаја да се провлечат во неизвесен финиш, кој на крајот го решија во своја полза со 25:23.

Следните два сета, момците на Самелвуо сериозно пристапија на теренот, не дозволија Турците да ги изненадат во ниту еден дел од сетовите и двата ги решија вос воја полза со пристојна предоност. Волков со 16 и Клиука и Михаилов со по 13 поени беа најдобри реализатори кај Русија. Во турскиот состав младиот коректор Лагумџија имаше 15 реализирани поени.