Одлично расположени, подготвени за надигрување и за победничка европска премиера делуваат македонските одбојкари на последниот тренинг кој претпладнево го одработија во помошната сала во арената „Стожице“ во Љубљана.

Еден час набиен со добра работна атмосфера, позитивна мисла и оптимизам, кој го надополни присуството на претседателот на ОФМ, Петар Јовановски и потпретседателот Ивица Хаџи Иљоски, кои дојдоа да го поздрават тимот пред попладневниот старт на Европското првенство против Финска.

На последните подготовки се личи како што треба, се дотеруваа деталите, се „местеше“ сервисот и приемот… Мислата е само една – Финска мора да „падне“.