Репрезентацијата на Србија по 17 години пауза конечно дојде до победа во пресметките со селекцијата на САД, по она четвртфинале на Мундијалот во 2002 година.

Двата најголеми фаворити за медал на Светското првенстви кое се одржува во Кина разигруваа за петото место. По двата порази, кошаркарите на нашиот северен сосед успеаја да се издигнат и да ја забележат посакуваната победа од стартот на ова првенство, го совладаа раштиманиот „Дрим тим“ со 94-89 (32-7, 12-33, 27-28, 23-21).

Богдановиќ со 28 поени од кои седум тројки беше прво име, зад него беше Лучиќ со 15 поени. На другата страна Барнс имаше 22 поени, додека Вокер имаше 18.

Дуелот почна неочекувано, Србите лесно го наметнаа својот ритам, поведе со 11-2, а на истекот на првата четвртина имаше неверојатно водство од 32-7. Избраниците на Александар Ѓорѓевиќ беа расположени, погодија осум тројки.

Но, Американците не си дозволија дебакл, врати речиси на ист начин. На полувремето негативата изнесуваше само четири поени 44-40.

По одморот, Србија одново дојде до двоцифрена предност 61-51. По тројката на Богдановиќ број шест на оваа средба се разбудија кошаркарите на САД. Вокер,  Мичел и Браун намалија на 64-61 за неизвесна завршница.

Решавалките десет мунути, Србија ги отвори со серија од 7-0 и се искачи на 78-68, имаа шанса да поведат и поубедливо, но недостасуваше реализација во периодот кога Америка делуваше изгубено на теренот. Ова беше сликата која можеше да се види до пред самиот крај. Вокер на 50 секунди до крајот намали на 91-87. Богдановиќ со половична реализација од линијата за слободни фрлања, па Јокиќ од истото место, но без промашување ја потврдија победата.

Во втората двојка за пласман на петото место на Светското првенство силите ќе ги одмерат Полска и Чешка, дуелот почнува во 15 часот.