Пишува: Зоран Ѓоршоски

Како што неофицијално дознаваме, ФК Вардар деновиве на Николас Херанц и Вилијан Лира им исплатил речиси 300.000 евра. Аргентинецот и Бразилецот буквално ја опустошија касата на Вардар и тоа само поради неспособноста на менаџментот на нашиот најтрофеен клуб кој минатото лето ги ангажира. Или поточно луѓето кои беа задолжени од Вардар за купување на нови играчи. Катастрофа, за ова некој а се знае кој, мора да одговара.

Како што неофицијално дознаваме, на Николас Хозе Херанц, стоперот од Аргентина, му се исплатени 200.000 евра, а на Вилијан Лира, напаѓачот од Бразил пак 80.000 евра. Тоа се, и се покажа како точно, едноставно анонимни фудбалери кои му направија големи проблеми на нашиот најголем фудбалски бренд. А рековме веќе, одговорност од менаџментот на клубот  никаква. Ова е срамота…

Инаку познато е дека поради неисплатени долгови кон играчите, Вардар беше под суспензија, токму затоа и не настапи ова лето во Европа. Мораше и мора прво да го исплати долгот, и не само кон овие двајца, за да може во иднина да си работи како што треба.

Секако ова треба да ги научи лицата кои сега го водат клубот како не треба да се работи, како не треба да се однесува со името Вардар. И се разбира, не треба да се „пумпа“ трансферот односно договорот на било кој играч. Пари се во прашање, а тие пари некој ги дава, тие пари некој тешко ги заработил. Тие 300.000 евра речиси се буџет на половината од нашите прволигашки клубови.

Секако дека Вардар треба да купува играчи, треба и Аргентинци и Бразилци, ама квалитетни, ама имиња. И да ги плати скапо, тоа и му личи на Вардар. Со екстра квалитет се доаѓа до екстра успеси. Но за Херанц, Лира, Куајнор и некои други да платиш толку пари, тоа е само знак дека ти не го сакаш, туку едноставно го мразиш Вардар или пак има тука нешто друго. Тоа друго е дека си тотално неспособен…или има и трето…