Некогашниот германски шампион, сега член на Цвајте го има на списокот на потенцијални засилувања македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов. Спортскиот директор на популарните „шваби“ го пикирал младиот напаѓач на Келн кој е ставен на листата на можни играчи во пролетниот дел од сезоната, пишува „Кикер“. Имено Чурлинов би требало да биде конкуренција на Николас Гонзалез и Анастасиос Донис во напаѓачкиот ред на петкратниот германски првак.

Чурлинов дебитираше за Келн во Бундес лигата во првото коло против Волфзбург на гости, но на следните два меча не беше во составот. Други извори од Германија пренесуваат дека тренерот Аким Берлорцер инсистирал Чурлинов да се посвети пред се на вториот тим во регионалната лига, а повремено ќе добива шанса во првиот тим, но македонскиот напаѓач инсистира да биде само во првата екипа. Од друга страна Келн е во „тесно“ затоа што на Чурлинов идното лето му истекува договорот со „јарците“, па не е чудо што другите клубови ја следат ситуацијата и чекаат поволен момент за да дејствуваат.

Да потсетиме Чурлинов е еден од најдобрите играчи во вториот тим на Келн, а одлично играше во А тимот на контролните натпревари во текот на летото постигнувајќи и неколку голови.